Секој што некогаш го имал задоволстворто да вози Opel Astra J знае дека ова не е само обичен автомобил, туку верен сопатник кој нуди извонреден баланс помеѓу удобност, перформанси и германска издржливост.
Но, како и секоја прецизна машина, така и вашата Астра бара внимание за да остане во врвна форма. Основата на таа грижа лежи во една суштинска процедура, а тоа е редовната замена на масло на Opel Astra J.
Многу возачи често ја доживуваат промената на масло како досадна обврска или само уште еден трошок во месечниот буџет. Вистината е сосема поинаква.
Свежото масло е единствената бариера што стои помеѓу металните делови на моторот кои се движат со огромна брзина. Тоа е разликата помеѓу мотор кој работи тивко и смирено стотици илјади километри и мотор кој почнува да тропа и да губи сила предвреме.
За ентузијастите кои го сакаат најдоброто за своето возило, менувањето на маслото претставува поврзување со автомобилот и грижа за сопствената безбедност. Кога ќе ја кренете хаубата, не ви требаат комплицирани теории, туку само здрав разум и вистинскиот алат во рака.
Тајната на секој добар мајстор не е во тоа што знае сè напамет, туку што внимава на малите детали кои ја прават разликата помеѓу добро завршена работа и иден проблем. Со малку трпение и правилен пристап, стравот од непознатото брзо исчезнува и се заменува со сигурност дека сте го направиле најдоброто за својот автомобил.
Но, да бидеме искрени, не секогаш имаме време, простор или пак желба да лежиме под автомобилот. Некогаш е сосема во ред да се избере удобноста и сигурноста што ја нуди искусен механичар кој ја познава секоја завртка на овие возила.
За оние моменти кога сакате работата да биде завршена беспрекорно додека вие безгрижно го чекате клучот назад, тимот на професионалниот Opel Service Vanco е подготвен да ја преземе целосната грижа за вашето возило.

Анатомија на моторот и улогата на маслото
За да разбереме зошто е толку важна редовната замена, мора прво да разбереме што се случува внатре во срцето на вашата Astra. Моторите од J генерацијата (од 2009 до 2015 година) се високотехнолошки машини. Тука спаѓаат популарните 1.7 CDTI и 2.0 CDTI дизели, како и модерните 1.4 и 1.6 турбо бензинци.
Сите овие мотори имаат една заедничка карактеристика: работат под висок притисок и висока температура.
Повеќе од обично подмачкување
Моторите вградени во Opel Astra J, без разлика дали станува збор за популарните CDTI дизели или ефикасните турбо-бензинци, се дизајнирани со многу ниски толеранции. Ова значи дека просторот помеѓу клиповите, лежиштата и цилиндрите е микронски прецизен. Маслото тука игра неколку критични улоги кои често се занемаруваат.
Првата улога е очигледна, а тоа е подмачкувањето. Маслото создава тенок, но исклучително цврст маслен слој кој спречува директен контакт на метал со метал. Без овој слој триењето би генерирало толку висока температура што моторот би се уништил за неколку минути.
Втората улога е ладењето. Иако антифризот е задолжен за одржување на температурата на блокот, маслото е тоа што ја одзема топлината од најкритичните точки, како што се клиповите и оската на турбината. Кај Astra J моделите со турбина, старото масло може да предизвика сериозни проблеми со турбо полначот поради високите температури.
Третата улога е чистењето. Согорувањето во моторот не е совршен процес. Се создаваат наслаги, киселини и микроскопски честички.
Квалитетното Opel Astra масло содржи адитиви кои ги врзуваат овие нечистотии и ги носат до филтерот, каде што безбедно се складираат до следната замена. Ако маслото не се менува редовно, тоа се заситува и престанува да чисти, што води до таложење на густ слој од наслаги во внатрешноста на моторот.

Специфичниот предизвик кај Astra J
Кај моделите со турбо полнач (што се повеќето Astra J модели), маслото има уште една критична улога а тоа е подмачкување на оската на турбината. Оваа оска се врти со брзини и до 150.000 вртежи во минута и достигнува пеколно високи температури.
Старото и деградирано масло тука прво попушта. Тоа може да доведе до стврднување на маслото во каналите на турбината, што е најчеста причина за предвремено откажување на турбината. Затоа, правилното Opel одржување не е само препорака, туку неопходност.
Тајната е во Dexos 2 стандардот
Кога бирате опел астра масло, не е доволно само да ја погодите вискозноста, како на пример 5W-30. Многумина мислат дека сите масла се исти, но кај Opel Astra J ситуацијата е поспецифична.
Клучниот момент е спецификацијата Dexos 2, која е специјално развиена за европските услови на возење и за заштита на модерните системи за издувни гасови.
Ова е особено важно за дизел моторите кои имаат DPF филтер. Dexos 2 маслата се таканаречени Low SAPS масла, што значи дека имаат ниска концентрација на сулфатен пепел, фосфор и сулфур.
Ако користите обично масло кое не е Dexos 2, при неговото согорување секој мотор троши минимална количина масло и се создава пепел. Оваа пепел не може да изгори при регенерацијата на DPF филтерот и трајно го затнува.
Замената на DPF филтер е скап зафат кој лесно може да се избегне едноставно со правилен избор на маслото. Кај бензинските мотори, погрешното масло може да ги оштети катализаторите и да доведе до зголемена потрошувачка и намалена моќност.

Што ви е потребно при замена на масло
Пред да започнете со било каква работа, добрата подготовка е половина завршена работа. Нема ништо полошо од тоа да сте под автомобилот со мрсни раце и да сфатите дека ви недостасува клучниот алат.
Моторно масло
Количината зависи од агрегатот, најчестите дизели 1.7 и 2.0 CDTI собираат околу 5.4 литри, додека бензинците 1.4 и 1.6 бараат помеѓу 4 и 4.5 литри.
Најпаметно е да купите пакување од 5 или 6 литри. Така ќе имате доволно за замената, а тој еден литар што ќе остане е идеална резерва што ќе ја чувате во багажникот за досипување ако се појави потреба пред следниот сервис.
Филтер за масло
Кај Opel Astra J ова е специфична хартиена влошка, а не класичен метален филтер што се навртува. Бидејќи постојат неколку варијации на куќиштето зависно од годината на производство, не купувајте на памет. Најсигурно е да го побарате точниот модел во продавница според бројот на шасија од вашата сообраќајна дозвола.
Дихтунг за чепот на картерот
Ова е мал, но критичен дел. Гумен прстен или бакарна подлошка, зависно од моделот. Никогаш не го враќајте стариот дихтунг назад. Тој е веќе сплескан од претходното стегање и ја изгубил еластичноста, па ако го вратите, речиси сигурно ќе протекува и ќе ви направи мрсни дамки на паркингот.
Дигалка и потпирачи
Безбедноста е на прво место. Фабричката дигалка е само за менување гума. Никогаш не влегувајте под возило кое се држи само на хидраулика. Задолжително користете цврсти метални потпирачи поставени на шасијата за да работите без страв и ризик.
Сет клучеви
За чепот на картерот кај Opel најчесто ви треба Torx T45 ѕвездест клуч, иако кај некои замени може да се најде и обичен шестоаголен шраф. За пластичното куќиште на филтерот обично е потребен голем насаден клуч и тоа најчесто 24mm, 27mm или 32mm. Користете клуч со рачка за полесно одвртувањето.
Сад за собирање масло
Садот за собирање масло треба да собира барем 6 литри и да биде доволно широк. Млазот на врело масло од картерот излегува под притисок и прска во широк лак, па обично исечено шише нема да ви заврши работа. Сад со клун за истурање е голема предност за подоцна лесно да го пресипете старото масло во туби за рециклирање.

Чекор по чекор постапка на менување маслото
Откако имате сè подготвено, време е за акција. Со испланиран редослед за да ја завршите работата ефикасно и без грешки.
Загревање и безбедност
Ладното масло е густо и тешко истекува. Запалете го моторот и оставете го да поработи неколку минути додека стрелката за температура малку не се помести. Ова ќе овозможи маслото да се разреди, да ги собере сите талози и полесно да истече од картерот.
Паркирајте на рамна површина, подигнете ја рачната сопирачка, подигнете го предниот дел и поставете ги безбедносните потпирачи. Пробајте малку да го гурнете или затресете возилото за да бидете сигурни дека е стабилно.
Испуштање на старото масло
Лоцирајте го картерот на дното на моторот. Ако имате пластична заштита, ќе треба да ја отстраните. Поставете го садот за собирање под чепот и користете го соодветниот клуч за олабавување. Бидете внимателни, маслото може да биде врело. Кога ќе го одвртите чепот до крај, тргнете ја раката брзо. Оставете го маслото да истекува барем 15 до 20 минути.
Ова е одлично време да направите визуелна проверка на подвозјето. Ако забележите мрсни дамки на други места или оштетени манжетни, тоа е знак дека треба да посетите професионален сервис каде може детално да се дијагностицира проблемот.
Замена на филтерот
Додека маслото истекува долу, вие работете горе. Кај Opel Astra J, куќиштето на филтерот обично е пристапно од горната страна. Одвртете го пластичниот капак со насаден клуч и извадете ја старата влошка.
Сега доаѓа најважниот детал. На пластичниот капак има тенок гумен дихтунг. Морате да го извадите стариот и да го замените со новиот што доаѓа во кутијата со филтерот. Намачкајте го новиот дихтунг со малку свежо масло пред да го монтирате.
Ова спречува дихтунгот да се скине или извитка при стегањето. Вратете го капакот и стегнете го со чувство и не употребувајте прекумерна сила бидејќи пластиката може да пукне.
Полнење со ново масло
Вратете се под автомобилот, исчистете го навојот и ставете го чепот со новиот дихтунг. Стегнете го умерено. Сега отворете го капачето на врвот на моторот и сипете го новото масло.
Ако капацитетот е 5 литри, сипете околу 4 и пол, па почекајте да се слие. Проверете ја шипката и додавајте по малку додека нивото не дојде до средина или малку над средината.
Проверка и стартување
Затворете го капачето и стартувајте го моторот. Ламбичката за притисок на масло треба да се изгаси по неколку секунди. Оставете го моторот да работи и проверете дали има протекување кај чепот или филтерот. Изгасете, почекајте 5 минути и проверете го конечното ниво.
Ресетирање на сервисниот интервал
Вашата Astra J е паметен автомобил. Таа не мери само километри, туку користи алгоритам кој пресметува колку е истрошено маслото врз основа на бројот на палења на ладен мотор и работната температура. Самото менување на маслото не е доволно ако не му кажете на компјутерот дека сте го направиле тоа.
Постапката за ресетирање е едноставна:
- Влезете во возилото и дајте контакт односно сите сијалички да светат, но моторот да не работи.
- На рачката за трепкачи која се наоѓа на левата страна, притиснете го копчето MENU.
- Користете го тркалцето на рачката за да најдете Oil Life во менито.
- Кога ќе стигнете до тој екран, притиснете го копчето SET/CLR на врвот на рачката.
- Системот ќе ве праша за потврда Are you sure? , изберете Yes за да потврдите.
- Процентот ќе се врати на 100% и ќе слушнете звучен сигнал.

Дали треба да користите средства за испирање (Engine Flush) и адитиви?
Една од најчестите дилеми кога стоите пред полицата со авто-козметика е дали да го купите она волшебно шише кое ветува дека ќе го исчисти моторот одвнатре за 10 минути, или пак оној адитив што ветува зголемена компресија. Кај Opel Astra J, одговорот на ова прашање бара внимателност.
Ризикот со Engine Flush средствата
Средствата за внатрешно испирање на моторот се силни хемиски растворувачи кои се додаваат во старото масло непосредно пред замената. Идејата е да ги разградат наслагите и талогот за тие да истечат заедно со старото масло.
Сепак, кај половни возила, кои веќе имаат поминато значителен број километри, ова може да биде крајно погрешна одлука. Ако моторот има поголеми парчиња талог, агресивниот растворувач може нагло да ги одлепи овие парчиња наместо да ги раствори.
Овие одлепени парчиња потоа патуваат низ системот и можат да го затнат филтерот на маслената пумпа или, што е уште полошо, тесните канали кои ги подмачкуваат лежиштата на турбината.
Посебно кај 1.6 и 1.8 бензинските мотори на Opel, системот за варијабилно отворање на вентилите VVT користи мали мрежички кои се исклучително чувствителни. Ако растворените нечистотии завршат таму, ќе се соочите со скап дефект на варијаторите.
Затоа, правилото е: ако ја знаете историјата на возилото и редовно сте менувале масло тогаш Engine Flush не е потребен. Свежото, загреано синтетичко масло има доволно детергенти да го исчисти моторот на безбеден и постепен начин.
Митот за дополнителни адитиви како керамика, тефлон и MoS2
Втората честа грешка е додавање на дополнителни адитиви во новото масло за наводна подобра заштита. Важно е да знаете дека Dexos 2 маслата се прецизно балансирани хемиски формули.
Инженерите на Opel и производителите на масло потрошиле милиони евра за да го погодат точниот сооднос на адитиви против пена, корозија и триење.Кога додавате трет адитив на своја рака, вие ја нарушувате таа хемиска рамнотежа.
Во одредени случаи, овие адитиви можат да реагираат со маслото и да создадат желатинска маса или пак да ја зголемат содржината на сулфур и пепел, што е директна смртна пресуда за вашиот DPF филтер.
Најдобрата хемија за вашата Astra не доаѓа во мали шишиња со примамливи етикети, туку преку скратување на сервисниот интервал. Наместо да давате пари за адитиви, сменете го маслото на 8.000 или 10.000 километри наместо на 15.000. Тоа е единствениот докажан еликсир за долговечност на моторот.

Најчести грешки што треба да ги избегнете
Искусните мајстори велат дека грешките се скапи, а кај замена на масло кај Opel astra J има неколку специфични стапици на кои треба да обрнете внимание за да не направите поголема штета отколку корист.
Претегнување на чепот или филтерот
Ова е класика кај почетниците, најчесто од страв дека маслото ќе протече ако не стегнат доволно силно. Реалноста е дека картерот е направен од алуминиум кој е помек од челичниот штраф.
Ако употребите прекумерна сила, многу лесно ќе го оштетите навојот на картерот, што потоа бара сложена поправка или замена на целото корито. Слично е и со куќиштето на филтерот бидејќи тоа е пластично и кршливо.
Правилото е едноставно: стегајте со рака додека не почувствувате отпор, а потоа со клучот направете само уште мало, финално дотегнување. Дихтунгот е тој што треба да ја заврши работата, а не бруталната сила.
Заборавање на стариот дихтунг на филтерот
Ова звучи банално, но се случува почесто отколку што мислите. Стариот гумен прстен O-ring може да се залепи поради високите температури и да остане на куќиштето од моторот, наместо да излезе заедно со пластичниот капак. Бидејќи е црн и мрсен, лесно се приметува.
Ако врз него го ставите новиот дихтунг, добивате двоен дихтунг кој не може да издржи притисок. Во моментот кога ќе го стартувате автомобилот, притисокот ќе го избие маслото и ќе направите вистинска поплава под хаубата за само неколку секунди. Секогаш со прст проверете дали лежиштето е чисто пред монтажа.
Игнорирање на Dexos стандардот
Многумина мислат дека масло си е масло и дека е важно само да е 5W-30. Ова е најопасната заблуда за вашиот џеб долгорочно. Како што споменавме, Opel моторите, особено дизелите, бараат Dexos 2 стандард поради хемискиот состав.
Штедењето на поевтино масло кое не ги исполнува овие норми е најбрзиот пат до трајно затнат DPF филтер или оштетена турбина. Заштедата од неколку стотици денари денес, може да ви донесе дефект од неколку стотици евра утре.
Преполнување со масло
Повеќе масло не значи подобра заштита, напротив. Ако нивото на шипката е над максимумот, коленестото вратило при вртењето ќе удира директно во маслото. Ова предизвикува ефект на матење, претворајќи го маслото во пена полна со воздушни меурчиња.
Пената не подмачкува, што значи дека виталните делови ќе се тријат на суво. Дополнително, превисокото ниво создава голем притисок кој може да ги избие семеринзите на вратилото, создавајќи протекување таму каде што претходно го немало. Ако случајно сипете премногу масло, не го возете автомобилот така првин испуштете го вишокот.

Кога е најдобро да се обратите кај професионалци
Иако направи сам пристапот дава задоволство, има многу добри причини зошто професионалниот сервис понекогаш е попаметен избор.
Прво, тука е екологијата. Старото масло е опасен отпад и не смее да заврши во канализација или во земја. Сервисите имаат законска обврска и договори за безбедно рециклирање.
Второ, кога вашето возило е на дигалка во професионалниот Opel Service Vanco, нашите механичари не гледаат само во маслото. Тие прават комплетен визуелен преглед на трапот, кочниците, цревата и гумите.
Тоа е превентива која често открива ситни проблеми пред да станат големи дефекти, нешто што е тешко да се забележи во домашна гаража без професионално осветлување и опрема.
Трето, добивате гаранција дека се вградени оригинални делови и точното масло пропишано од Opel, без ризик од копии кои се чести на пазарот.
Колку често навистина треба да се менува маслото?
Фабричките книги често споменуваат интервали од 30.000 km, но реалноста на нашите патишта е поинаква. Ако возите главно на отворен пат, маслото трае подолго и интервал од 15.000 km е прифатлив.
Но, ако возите во град, со многу тргни па застани ситуации и кратки релации, кои се сметаат за тешки услови. Во таков случај, маслото се троши многу побрзо и препорачливо е да се менува на секои 10.000 km или задолжително еднаш годишно, бидејќи маслото оксидира и губи својства дури и кога автомобилот стои.
Заклучок
Одржувањето на Opel Astra J не е нуклеарна физика, но бара почит кон машината и редовност. Редовната замена на масло кај Opel astra J е најевтината, а најважната инвестиција за долговечноста на вашиот мотор.
Без разлика дали ќе одлучите сами да го направите зафатот следејќи ги овие чекори, или ќе ја доверите грижата на нашиот тим, најважно е да не го одложувате сервисот. Вашата Astra ќе ви врати со илјадници безгрижни километри.
На крајот, сервисот е многу повеќе од техничка процедура; тој е гаранција за вашата безбедност и безбедноста на вашето семејство. Наместо да размислувате дали автомобилот ќе издржи до следната дестинација, редовното одржување ви дава слобода да уживате во возењето. За сè останато, нашиот тим стои зад вас како сигурен партнер на патот.









Leave a Reply